ПРИЛЕП-ИСТОРИЈА
ПРИЛЕП
-ИСТОРИЈА-
Праисторија и антички период
Градот Прилеп и воопшто населби на подрачјето на
поширокиот прилепски регион, датираат уште од антиката, како што е археолошкиот
локалитет Стибера, кај селото Чепигово. Во близина на градот, на Марковите Кули
се откриени траги од предисториска населба. Во раната антика тука израснала
населбата Керамија, обновена во доцната антика, која до крајот на антиката
останала селска населба и не прераснала во град и епископија.
Средновековна историја
Денешната местоположба на градот Прилеп потекнува
од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и воено-стратегиски
град. Токму во градот Прилеп, по катастрофалниот пораз на самoиловата војска во
Беласичката битка, 1014 година, кога ги видел своите ослепени војници, царот
Самиул починал од срцев удар.
По смртта на Самуил градот потпаднал под
византиска власт, се до распаѓањето на Византија во 1204 год при четвртиот
крстоносен поход. Низ XIII век Прилеп преминува постојано во рацете на новите
господари — двапати на деспотите од Епир, двапати на Бугарија, еднаш на царот
од Никеја т.е. под возобновената Византиска империја. Византија го држи како
истурено воено упориште до 1334 година Прилеп заедно со цела Македонија
стануваат дел од Српското Кралство, на чело со Стефан Душан.
Прилепско кралство
Територијата на Прилепското Кралство
Во 1371 година Прилеп станал престолнина на
средновековниот македонски феудален владетел, Волкашин, кој го создал Прилепското
кралство, со седиште во Прилеп. По неговата смрт во Маричката битка (1371), го
наследил неговиот син, Крале Марко, (познат по своите надприродни сили и моќи,
во народните преданија и приказни), кој и по доаѓањето на Турците се до
неговата смрт во 1395 година владеел со Прилеп и поширокиот регион на западна и
југо-западна Македонија.

Османлиско ропство
Прилеп потпаднал под османлиско ропство за време
на владеењето на султанот Мурат I, третиот османлиски султан. Со доаѓањето на
Турците, Прилеп од високоразвиен трговски град, се преориентира кон селското
производство особено на тутун. Со воведувањето на чифлигарскиот систем во 1528
година во Прилепската нахија имало 16 чифлици, а нивниот број пораснал на
повеќе од 30 во 1544/45 година. Во Прилеп во 1564/65 година ќе се случи и
првиот поголем бунт на македонскиот народ кон неподносливата турска власт, кога
незадоволните Мариовци, ќе направат голем протест, проследен со нереди пред
судот во Прилеп. Оваа буна е најстар протест против турските власти во Македонија.
Со заповед на султанот Сулејман Величествениот (од 3 октомври 1564 година) биле
задолжени скопскиот бег и прилепскиот кадија да преземат енергични мерки за
смирување на побунетиот крај. Буната била задушена до крајот на 1565 година.
Балканските и Светските војни
Прилеп во 1916 година

За време на Првата (1912-1913) и Втората Балканска
војна (1913) во Прилеп и неговата околина се воделе жестоки борби. Таква е
битката кај Прилеп помеѓу војските на Кралството Србија и Отоманската империја,
во која отоманската војска била поразена. Крајот на војните се означил со
Букурешкиот договор, со кој била поделена Македонија, а Прилеп крајно разурнат
и разорен, како дел од Вардарска Македонија ќе влезе во рамките на Кралството
Србија.
Во периодот од 1931 до 1935 година градот бил
електрифициран. Во 1936 година во сообраќај била пуштена и железничката линија
која Прилеп го поврзува со Битола на југ и Велес и Скопје на север.
Во април 1941 год. Прилеп потпаднал под фашистичка
окупација. На 8 април таа година во градот влегла германската фашистичка
војска, а на 26 април влегла и бугарската војска. Уште од првите денови на
окупацијата се појавил отпор. На 12 септември 1941 година била формирана Прилепската
партизанска чета, за конечно на 11.10.1941 година со нападот на бугарската
полициска станица од страна на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ да
започне антифашистичкото народно востание против окупаторската власт. Од
декември 1941 па се до летото 1943 бил печатен и илегалниот весник на НОФ за
Прилепско, „Народен глас“, на македонски јазик, во тираж од 120-300 примероци.
DoBrO SrAbOtEnO
OdgovoriIzbriši